Користењето мобилен телефон за време на возење станува една од главните причини за сообраќајни несреќи низ светот, а грчките власти воведоа строги санкции за возачите кои го прават овој прекршок. Новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција, кој целосно стапи во сила минатиот септември, предвидува значително построги мерки за сериозни и опасни сообраќајни прекршоци.
Телефонот зад волан го зголемува ризикот од несреќи
Експертите предупредуваат дека возачите кои држат мобилен телефон во рака додека управуваат возило реагираат половина секунда побавно од останатите учесници во сообраќајот. Таквата разлика, при брзина од 110 километри на час, значи дури 14 метри подолго растојание за запирање.
И покрај континуираните кампањи и јасните предупредувања за ризикот, овој прекршок и понатаму често се евидентира на патиштата. Токму затоа новата регулатива не остава простор за толеранција, а наместо досегашната забрана за возење од два месеци, казните сега може да достигнат и до 4.000 евра, заедно со одземање на возачката дозвола до осум години.
Туристите од Македонија мора да бидат особено внимателни
Особено важно е туристите од Македонија да знаат дека грчката полиција сериозно ги третира овие прекршоци. Контролите се засилени на патиштата што водат кон популарните туристички места, а правилата важат за сите возачи, без исклучок.
За користење мобилен телефон при возење, казните се изрекуваат по следниот редослед:
Прв пат: 350 евра и одземање на возачката дозвола за 1 месец
Втор пат: 1.000 евра и одземање на возачката дозвола за 6 месеци
Трет пат: 2.000 евра и одземање на возачката дозвола за 1 година
Во случај на несреќа следуваат уште построги санкции
Доколку поради користење мобилен телефон при возење се случи сообраќајна несреќа, предвидени се затворски казни и значително повисоки санкции.
Во такви случаи, казните се движат по следниот редослед:
Прв пат: 350 евра и одземање на дозволата за 1 месец
Втор пат: 2.000 евра и одземање на дозволата за 4 години
Трет пат: 4.000 евра и одземање на дозволата за 8 години
Законот предвидува и екстремни затворски мерки. Ако користењето телефон при возење доведе до тешка телесна повреда, затворската казна може да достигне до 10 години, додека во случај на смрт казната може да биде и до 20 години затвор. Доколку се повредени поголем број луѓе, предвидена е доживотна казна затвор.
За сите што планираат да патуваат со автомобил до Грција, најважно е да знаат дека ваквите прекршоци се строго контролираат и дека казните се применуваат на лице место.
