По периодите во кои бележеше загуби, во првиот годинешен квартал Градскиот трговски центар оствари позитивни финансиски резултати во бруто износ од 8.009 илјада денари, или 129,7 илјади евра, објави Пари.

Во текот на тие три месеци акционерското друштво евидентирало вкупни приходи од 1,02 милиони евра (63.477 илјади денари). Во овој сегмент има раст од пет проценти во однос на претходната година. Кога станува збор за трошоците, тука има осумпроцентно намалување и се во износ од 898,8 илјади евра (55.468 илјади денари).

Како што наведуваат од ГТЦ, целта е ефектите од годинешното работење да се согледаат преку реализација на позитивни резултати, за што ќе максимално ќе се користат распоиложивите капацитети.

Претходните финансиски извештаи на ГТЦ воопшто не беа оптимистички. Друштвото работеше со загуби, ланските беа 11 проценти поголеми од тие во 2021. Или, минусното салдо за 2022 броело 646 илјади евра, а една година пред тоа – 581 илјади евра. Во 2020 загубата изнесувала 658,3, а во 2019 – 556,3 илјади евра.

Последните податоци, се чини, го пробиваат мразот. Дали ГТЦ конечно ги остава зад себе лошите денови и дали навистина ќе му тргне, ќе се види во текот на годинава.