Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на истрага за злосторствата што се случија во Украина, по повод седницата на Советот за безбедност посветена на неказнивоста на злосторствата извршени од почетокот на руската инвазија.
„Извештаите на хуманитарните служби на ОН се список на суровост – егзекуции без судење, силување, тортура и друго нехумано и срамно постапување со цивили и воени затвореници“, рече Гутереш на почетокот на денешната седница, на која учествува и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
„Мора да се истражат сите наводи за да се утврди одговорноста. Сторителите мора да одговараат во непристрасни и независни судски постапки. Жртвите и нивните семејства имаат право на правда и компензација. Последните седум месеци беа обележани со неописливо страдање и уништување “, нагласи Гутереш и додаде:
„Последниот развој на настаните е опасен и вознемирувачки. Идејата за нуклеарен конфликт, некогаш незамислив, стана предмет на дебата. Исто така, длабоко сум загрижен од извештаите за плановите за одржување т.н. референдуми во областите на Украина кои не се моментално под владина контрола“.
„Нема мир без правда“, рече француската министерка за надворешни работи Катрин Колона, која претседава со седницата, нагласувајќи дека виновниците мора да одговараат за злосторствата.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, одговарајќи на прашање пред седницата за тоа дека ќе биде во иста просторија со Сергеј Лавров, изјави дека ќе држи „безбедна дистанца“.
И главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, учествува на таа седница, бидејќи МКС во Украина отвори истрага за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени само неколку дена по почетокот на руската инвазија.