Откако вчера голем број македонски граѓани беа вакцинирани во Ниш, без да имаат закажано, денеска таму тргнаа стотици и стотици луѓе, но според извештаите на оние што се таму пред спортската сала „Чаир“, голем дел од нив ќе останат без вакцини. Денеска ќе бидат вакцинирани само оние кои добиле термин преку српскиот систем за вакцинирање, како и тие што се пријавиле преку српската стопанска комора.

– Пред салата во Ниш има голем број кои чекаат ред за да бидат вакцинирани. Повеќето се од Македонија. Само 1000 луѓе се присутни од стопанската комора. Имаше и караници за влегување преку ред, но присутна е и полицијата која набрзо воведе ред, вели за Радио Лидер, Јана Л. која утрово тргна по вакцина во Ниш.

Таа ја потврди информацијата дека државјаните кои воопшто не биле пријавени за вакцинација биле враќани.

-Да. Ги враќаат тие што не се закажни. Претпладнево снема дози на вакцини. Процесот на вакцинација на кратко беше запрен, но откако донесоа нови се продолжи со вакцинација, вели Јана Л. за Радио Лидер.

Александар Миличевиќ, директор на регионалната стопанска комора во Ниш за медиумите пак изјави дека денеска очекувале околу 1500 лица, но пред Домот за здравје во Ниш стигнале многу македонски државјани кои воопшто не биле пријавени за вакцинација. Тој додава дека се обиделе да излезат на сите во пресрет, но викендов биле обезбедени околу 3000 дози.

-Денес не може да се добие вакцина за секој оној кој не е регистриран прво преку Стопанската комора на Србија, преку разни организации..тука не се само граѓаните на Северна Македонија, има и од Бугарија, има од од нашата јужна покраина, и (второ) секако граѓани странци кои се пријавени преку нашата Е-управа да примат вакцина во Ниш. Значи оние кои се пријавени во Белград, ќе мора вакцина да бараат во Белград“, изјави Миличевиќ.

Вакцинирањето во Ниш е со вакцините АстраЗенека, и е бесплатно, а е организирано во соработка на стопанските комори за нивни членови. Сепак, во текот на вчерашниот ден, вакцини им се даваат и на останатите македонски грагани кои решија да си ја пробаат среќата за вакцинирање.

Со истите вакцини и денеска продолжува вакцинирањето во Белград. Сепак, поради големиот притисок за вакцинирање, српските власти најавија и во Белград да дојдат само оние лица кои не се српски државјани, ама имаат добиено термин преку српскиот онлајн систем за вакцинирање.