Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата упати остри критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека нема програма и идеи, туку е посветена на ширење дезинформации и создавање дефетизам. Тој се осврна и на случајот со Алта банка, најавувајќи дека банката ќе биде спасена и дека парите на граѓаните ќе останат достапни.
Мицкоски зборуваше и за, како што ги нарече, сценаријата за нови „шарени револуции“. Притоа ја спомена претходната политичка криза во Македонија, поврзувајќи ја со промената на името и Уставот, милиони евра во приватни џебови и политичари со лични амбиции. Тој упати и критики кон лекар со политички амбиции, кого го поврза со милионер од Струмица кој престојува во Грција.
„А оние кои робуваат на некакви сценарија за шарени револуции или други слични бунтови, да погледнеме како заврши последната во Македонија. Со смена на име, устав и милиони евра во приватни џебови и еден изгубен лекар со политички амбиции кој стана роб на еден милионер од Струмица со престој во Грција. Тоа е жалната приказна која ние сите скапо ја плативме. Јас не сум за басни, туку за реален живот. А таму секој незадоволен, секој со идеи и ставови, во мене има соговорник“, порача Мицкоски.
Тој обвини дека опозицијата и нејзините блиски структури спроведуваат активности за ширење дефетизам преку дезинформации и креирање наслови и вести. Според Мицкоски, наместо да понуди програма и идеи, опозицијата се концентрира на рушење и претворање на секој успех во неуспех.
Мицкоски рече дека опозицијата, како што оцени, се приклучува кон секоја семејна расправија и инцидент за да извлече политички поени. Во тој контекст го спомена и случајот со Алта банка, тврдејќи дека станува збор за проблем увезен од Србија, поради пропаѓањето на матичната банка.
Тој ја обвини опозицијата дека посакувала пропаѓање на банката и загуби за штедачите. Притоа го спореди случајот со Алта банка со пропаѓањето на Еуростандард банка, за која рече дека граѓаните навистина изгубиле пари поради намерно обезвреднување на нејзиниот капитал.
Мицкоски се осврна и на обвинувањата дека наводно договарал нешто во врска со Алта банка. Според него, истите политички противници кои го обвинуваат имале деловни односи со Алта банка Србија уште пред повеќе години, за што, како што рече, покажал и документи.
Дополнително, тој реагираше на тврдењата дека банката би можела да биде преземена од лице поврзано со криминал.
„Морам да им кажам дека ќе останат разочарани, а граѓаните задоволни. Банката ќе се спаси. И парите ќе останат достапни за граѓаните. Жална вест за Венко и компанијата, добра и среќна за Македонија“, порача Мицкоски.
Во обраќањето премиерот се осврна и на политичката иднина на СДСМ, тврдејќи дека опозицијата молчи за изборите бидејќи го знае исходот. Тој прогнозираше пад на СДСМ и пропаѓање на капиталот за кој рече дека се штити од Халкидики, додавајќи дека потоа партијата ќе мора да бара друго раководно решение.
На крајот, Мицкоски зборуваше за економската состојба и последиците од глобалните кризи. Тој посочи дека цените на бензините, електричната енергија и другите енергенси се од 20 до 50 проценти повисоки во споредба со државите во регионот и пошироко. Сепак, нагласи дека Владата работи на одржување силен економски раст и ниска инфлација.
„Светот се соочува со тешки кризи, но Македонија е со одлични резултати во тој поглед. Мораме да бидеме свесни дека цените на бензините, цената на струјата и останатите енергенси се за 20, 30, па дури и 50 проценти повисоки од сите држави во регионот и пошироко. Сепак, во едни такви услови се бориме за силен економски раст, кој е меѓу најдобрите три во Европа, со зауздана инфлација меѓу најниските во Европа. Така и ќе продолжиме. И нема да ја чекаме опозицијата, која не ни е репер. Затоа ние излегуваме меѓу граѓаните“, порача Мицкоски.
