Атмосферата на аеродромот во Кабул се уште е хаотична, бидејќи илјадници Авганистанци сакаат да ја напуштат земјата, стравувајќи од новата власт на талибанците.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави денеска дека фокусот на Берлин е на евакуација на што е можно повеќе луѓе од Кабул, во многу тешки околности, додавајќи дека Германија тесно соработува со меѓународните партнери.
Шефицата на шведската дипломатија Ан Линде истакна дека нејзиното Министерство е свесно за „големите проблеми при доаѓањето на аеродромот и минувањето низ портите“.
– Сите земји се соочуваат со овој проблем и ние работиме на можни решенија на аеродромот, во соработка со другите држави, нагласи Линде.
Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес изјави дека авионите на нејзината земја го напуштаат Кабул делумно празни, бидејќи хаосот на аеродромот ја прави невозможна евакуацијата на Авганистанците.
Таа рече дека едно авганистанско семејство кое Шпанија го евакуирало, ја загубило својата ќерка во хаосот на аеродромот.
Роблес додаде дека САД дале гаранции оти нивните сили нема да се повлечат од аеродромот додека не се евакуираат сите луѓе.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, испрати порака за добредојде на Авганистанците префрлени во таа земја, откако од Кабул во Париз пристигна трета група со повеќе од 200 луѓе. Сите оние кои влегуваат во Франција од Авганистан мора да поминат десет дена во карантин поради пандемијата на коронавирус, бидејќи таа земја се наоѓа на француската црвена листа.
Во вчерашниот телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден, Макрон инсистираше на „апсолутна потреба од брза и конкретна координација меѓу сојузниците“, со цел да се обезбеди продолжување на евакуацијата од Кабул.
Американската војска е задолжена за евакуација од аеродромот во Кабул, што значи дека другите земји кои ги евакуираат своите граѓани и загрозените Авганистанци мора да поминат низ нивниот систем за проверка.
Полскиот премиер Матеуш Моравиецки истакна дека неговата земја преземала одговорност како членка на НАТО да евакуира околу 300 Авганистанци кои соработувале со Алијансата претходните години.
САД соопштија дека вчера евакуирале околу 3.000 луѓе од Кабул, американски државјани и загрозени Авганистанци, а околу 14.000 од крајот на минатиот месец.