Обвинението против поранешниот претседател Хашим Тачи и тројца негови поранешни соборци герилци од Ослободителната војска на Косово открива детали за наводни тепања, убиства и масовна гробница, како и идентитети на некои жртви.

Последната верзија на обвинението поднесена од обвинителството на 27 февруари, ги открива и имињата на некои од жртвите етнички Албанци, Срби, Роми  и детали за наводните закани и притисок што тие ги вршеле врз политичките ривали на ОВК .

На Тачи ќе му се суди во Хаг на 3 април заедно со Кадри Весели – поранешен претседател на косовскиот парламент и лидер на Демократската партија на Косово, Јакуп Красниќи – поранешен претседател на националниот совет на Социјалдемократската иницијатива и Реџеп Селими – поранешен шеф на пратеничката група на најголемата опозициска партија во тоа време.

Во обвинението се наведува дека како дел од „заеднички злосторнички потфат“, четворицата мажи извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото најмалку во периодот од март 1998 година до септември 1999 година и сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства.

Во обвинението се вели дека тие се обиделе да ја ограничат својата контрола над Косово „со средства што вклучуваат незаконско заплашување, малтретирање, извршување насилство врз и отстранување на оние што се сметаат за противници“.

Во него се наведува дека како високи фигури во герилските сили на ОВК, тие имале „супериорна одговорност“ што ги прави соучесници во воени злосторства и злосторства против човештвото бидејќи наводно биле свесни за прекршувањата, но не преземале дејствија за да спречат криминални дела или директно учествувале во злосторствата или давале наредби за нив.

Помалку преработеното обвинение открива дека телата на 12 жртви од етнички Срби биле пронајдени во масовна гробница во 2005 година.

Според обвинителството, околу 17 јули 1998 година, „група од 11 српски затвореници биле префрлени во соба во подрумот на зграда во Малишево/Малишево, каде што веќе биле задржани уште двајца српски затвореници“. Таму биле претепани.

Обвинителството тврди дека на 19 јули „приведените биле ставени во комбе и однесени до блиската локација каде што биле застрелани и убиени од одредени членови на ОВК. Еден притвореник избегал. Телата на другите 12 мажи беа извадени од една масовна гробница во Малишево/Малишево во 2005 година“.

Помалку преработеното обвинение тврди дека во јуни 1998 година, двајца „противници“ биле уапсени, испрашувани и во еден случај сериозно претепани од членови на здружениот злосторнички потфат и луѓе под нивна контрола во штабот на ОВК во Дреновац.

Тие потоа биле испратени во Генералниот штаб на ОВК од страна на Тачи и лично Весели, „со присутен и Реџеп Селими“. Двајцата противници никогаш повеќе не биле видени се вели во обвинението.

Обвинението ги дефинира противниците како луѓе кои ОВК ги сметало дека соработуваат со српските сили или не ја поддржуваат ОВК, вклучително и дека се поврзани со политичката партија Демократска лига на Косово, како и лица од други етникуми Срби, Роми и др.

Обвинението понатаму тврди дека на или околу 20 септември 1998 година, Тачи и Селими заедно со други членови на здружениот злосторнички потфат и луѓе под нивна контрола, учествувале и воделе апсење, приведување и заплашување на 13 членови на косовската парламентарна делегација кои беа во хуманитарна посета на Кирез/Цирез.

Членовите на делегацијата биле „претепани и имале видливи повреди“ и биле принудени од Тачи и  Сабит Геци да се откажат од лидерот на Демократската лига на Косово, Ибрахим Ругова.

Според обвинението, во присуство на Тачи, Сабит Геци се заканувал дека „ќе убие член на делегацијата“, а потоа по нивното ослободување Тачи ја засилил заканата со тоа што на еден член на делегацијата му рекол дека „дури и да си слободен сега, можеме да те убиеме во Приштина“.

Специјалистичките совети се дел од судскиот систем на Косово, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани од меѓународни лица.

Тие беа формирани во 2015 година од косовскиот парламент, дејствувајќи под притисок на западните сојузници на земјата кои веруваат дека правосудениот систем на Косово не е доволно моќен да ги суди случаите на ОВК и да ги заштити сведоците од заплашување.

Таканаречениот „Специјален суд“ е многу непопуларен во Косово, каде што се смета дека неправедно ги таргетира борците за слобода на косовските Албанци, а не српските воени злосторства.