Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека европските сојузници се „неблагодарни“ и треба да му се заблагодарат на претседателот Доналд Трамп за воените операции против Иран. Воедно, тој најави дека САД ќе го извршат најголемиот бран напади досега.
„И денес, како и вчера, ќе биде спроведен најголемиот пакет на удари досега“, рече Хегсет во обраќање за ситуацијата во Иран, пренесува „Индепендент“.
Тој нагласи дека операциите се прецизно насочени и се одвиваат според планот, додавајќи дека иранската воздушна одбрана е неутрализирана, а воено-индустриската база во голема мера уништена.
Хегсет изјави дека американските сили потопиле повеќе од 120 ирански воени бродови, како и дека се уништени сите 11 ирански подморници.
На прес-конференцијата, тој оцени дека Техеран претставува директна закана за глобалната безбедност и дека светот треба да му оддаде признание на Трамп за, како што рече, „храброста да се запре земја која користи терор и ракети за да го држи светот како заложник“, додека истовремено развива или се обидува да развие нуклеарно оружје.
