Ново предупредување од САД за Иран

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека утре продолжува ултиматумот поставен од претседателот Доналд Трамп, нагласувајќи дека Иран треба да донесе внимателна одлука. Во исто време, тој посочи дека американскиот претседател не се шегува кога ги испраќа овие пораки.

„Иран утре ќе мора да направи мудар избор, бидејќи Доналд Трамп не се шегува“, рече Хегсет на прес-конференција на која Трамп прв се обрати.

Дополнително, Хегсет најави дека САД ќе извршат значително поголем број напади доколку не се прифати ултиматумот.

„САД утре ќе извршат најмногу напади, повеќе отколку на првиот ден од нападите“, на 28 февруари, додаде Хегсет, објаснувајќи дека тоа сценарио ќе се реализира ако Иран не го прифати поставениот ултиматум.

Трамп со нови закани и конкретен рок

Претходно, Доналд Трамп ги повтори своите закани и дополнително ја заостри реториката кон Иран. Тој изјави дека постои можност целата земја да биде уништена за многу кратко време, при што конкретно го посочи и временскиот рок.

„Вторник, 20 часот по време во Вашингтон“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social во неделата.

Во изјава за „Фокс њуз“, тој повторно предупреди за можните последици доколку не се постигне договор.

„Без договор, ќе видите како мостови и електрани се уриваат низ целата земја“, изјави Трамп, повторувајќи ја својата закана.