Воздухопловниот ВИНГ на Армијата денеска интервенирал во подрачјето на Дебар, каде што со хеликоптер Ми-8МТ биле гаснати критични жаришта од пожар. Во тричасовната воздушна операција биле извршени 11 исфрлања на вода, соопшти Армијата.

За време на интервенцијата, хеликоптерот исфрлил вкупно 22 тона вода врз активните жаришта на пожарот.

Од Армијата информираат дека воздушниот ангажман бил реализиран во рамки на континуираната поддршка на институциите во справувањето со пожарите.

Дејствувањето било извршено согласно проценката на состојбата на теренот и во координација со надлежните институции и силите ангажирани во гаснењето на пожарот. Приоритет бил даден на активните жаришта и на спречувањето на понатамошно ширење на огнот.