Петнаесет години архитектонски истражувања и реализирани проекти ќе бидат претставени на изложбата CORPOREAL, со која архитектонското студио ТАКТИК архитектура го одбележува својот јубилеј. Настанот ќе го отвори процесот на создавање на архитектурата од првичната идеја до физичката реализација пред пошироката јавност.

Преку избор на реализирани проекти и визуелни материјали, поставката CORPOREAL го претставува развојот на студиото, различните пристапи кон архитектонското проектирање и континуираното преиспитување на меѓусебниот однос човек, објект и простор.

Отворањето на изложбата за пошироката јавност претставува ретка можност за запознавање со автентичниот процес на создавање архитектура, надминувајќи го вообичаеното индивидуално доживување и површински впечаток на набљудувачот.

Изложбата ќе се одржи на 18 ноември 2026 година во Домот на АРМ во Скопје и ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители во периодот од 19:00 до 22:00 часот.

Настанот претставува отворен повик за сите љубители и професионалци заинтересирани за архитектурата, дизајнот и идеите што секојдневно го обликуваат просторот околу нас.