Одделот за воздухопловни единици на МВР со хеликоптер од типот „Bell 212“ денеска продолжи со гаснење на пожарот кој го зафати делот помеѓу селото Крушица и планината Песјак и Кичевија.

Како што соопшти МВР, при гаснењето на пожарот во период од шест и пол часа беа исфрлени 35 тони вода. Пожарот е локализиран со што не е дозволено да се прошири кон селата Козичино и Дупјани.

– Ова е уште еден показател дека МВР е сервис на граѓаните во сите сегменти на полициското работење, а заштитата и безбедноста на граѓаните е наш приоритет, стои во соопштението.

Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година, е опремена со три хеликоптери марка „Бел“.

-За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од словенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени, потсетуват од МВР.