Херојството на Јован Костадинов

Јован Костадинов (19) од Виница е еден од хероите на трагедијата во Кочани, кога во неделата навечер избувна катастрофален пожар во Пулс. Во трагичниот настан животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.

Младиот Јован херојски спасил 21 живот од огнената стихија, ризикувајќи го сопствениот живот. Тој сега се наоѓа во болница поради вдишување на чад и неговата состојба е стабилна.

Граѓаните бараат признание за младиот херој

По храбриот потег на младиот Јован, граѓаните масовно се огласија на социјалните мрежи. Тие бараат властите да му доделат највисоко државно признание на момчето, кое самоиницијативно влезе во дискотеката во пламен и ги извлекуваше жртвите на сигурно.

„Тој беше надвор кога избувна пожарот во Пулс. Брзо пронајде вода, ја натопи маицата и влезе низ страничната соба за да спасува“, објави очевидец на Фејсбук.

Голем број објави и сведоштва го означуваат Јован како „тивкиот херој“ кој несебично го ризикуваше животот.

Мајка на повредено дете: „Јован беше светилник на надежта“

Една од мајките чие дете е спасено во големата трагедија во Кочани јавно му се заблагодари на Јован Костадинов:

„Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и исплашени, Јован се појави како светилник на надежта. Го зеде син ми кој беше под урнатините и го носеше низ оган и чад до болницата во Кочани. Сите околу него беа во паника, а тој беше смирен и храбар“.

Постхумна почест за Иле Гочевски, возачот на брзата помош

Министерот за здравство, Арбен Таравари, најави постхумно доделување почест за возачот на брзата помош, Иле Гочевски. Тој трагичната вечер 11 пати возел повредени лица од Кочани до Скопје, а по завршување на смената починал во сон.

„Планирам постхумно да му оддадам почест. Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Иле Гочевски направи огромна работа во спасувањето на повредените“, рече министерот Таравари.

Македонија тагува по загубените животи во трагедијата во Кочани, но и се гордее на хероизмот на Јован Костадинов и Иле Гочевски.

Граѓаните бараат државата итно да му додели признание на Јован Костадинов херојот кој стана симбол на хуманоста во тешки времиња.