Актерот Хју Џекмен на своjот интернет-простор објави видео во коешто „ја моли“ американската Академија за филмски науки и уметност да не го номинира неговиот колега Рајан Рејнолдс за „Оскар“ оваа година.
Имено, Рејнолдс е во потесниот круг за номинација за најдобра песна, за „Good Afternoon“ од божиќниот филм „Spirited“, во којшто глуми со Вил Ферел.
„Го сакав ’Spirited‘ како филм, го гледав со целото семејство и навистина уживавме. Го сакам Ферел, ја сакам Октавија Спенсер и ја сакам песната ’Good Afternoon‘. Се смеев во текот на целиот филм и тој е брилијантен“, вели Џекмен.
Потоа почнува со малку поинаков тон:
„Сепак, Ве молам од сѐ срце, Ве молам не го земајте предвид Рајан Рејнолдс во номинациите за ‘Оскар’. Ако Рејнолдс е номиниран во категоријата за најдобра песна, мојот живот би бил неподнослив следната година. Гледате, морам да ги снимам ’Вулверин‘ и ’Дедпул‘ со Рејнолдс оваа година. Ако ја добие таа номинација, ќе биде невозможно да снимаме со него и тоа ќе биде голем проблем“, додаде Џекмен.
Се разбира, сè ова е шега. Рејнолдс и Џекмен со години јавно се задеваат и „тролаат“, на задоволство на нивните обожаватели ширум светот, а последното видео на Хју само може да му помогне на Рајан во добивањето номинација, не обратно.
Освен тоа, Рејнолдс веќе го сподели видеото на Џекмен на својот Инстаграм, со хумористичен коментар.
„Знам дека сѐ уште е рано, но убаво попладне и за вас, г-н Џекмен“, напиша глумецот кој е предмет на шегата.