Холандија го блокира влезот на Бугарија во Шенген зоната – трагедија за македонската европска интеграција
Зошто треба да нè загрижи холандското вето за влезот на Бугарија во Шенген зоната? За жал, и покрај сите прокламирани залагања за европски вредности, заклетви во човековите права и залагања за борба против дискриминацијата, предрасудите и стереотипите, Европската Унија, а посебно нејзините јадрени земји-членки не можат да избегаат од сеништата на сопственото минато, пишува Ивица Боцевски.
Во продолежение неговиот став.
Европскиот проект токму во земјите од северозападна Европа одамна ја изгуби онаа „ѕвездена прашина“ која му даваше блесок во 1980-те и 1990-те. Европската интеграција е непопуларна тема таму, како проширување така и продлабочувањето, затоа што тамошните граѓани баш на ЕУ ѝ ја припишуваат личната и семејната економска стагнација, но и рапидната културна и демографска промена на своите населби. Граѓаните од шесте земји-основачи го искалија својот бес на сите референдуми кои што се однесуваа на различни аспекти од европското обединување, па денес нивните елитите бегаат од референдуми за европски прашања како „ѓавол од темјан“.
Меѓутоа, европскиот популизам (најзаслужено би употребил и далеку потешки зборови) си пронајде жртвено јагне во ликот на Бугарија и на Романија, поточно во „избрзаната интеграција на овие две неподготвени земји“ (така гласи бенигна варијанта, а малигната подобро и да не биде запишана). Притоа, никој не се осмелува да одговори колку и двете држави се променети по влезот во Европската Унија, колку Брисел е поприсутен и повлијателен и во Букурешт и во Софија токму по нивното полноправно членство, а посебно колку се преобразени клучните институции во двете земји во влезот во Унијата.
Тоа не е значајно, од перспектива на критичарите. За несреќа најкукавички оваа реторика на популистите се прелеа и во целокупниот јавен политички говор во јадрените земји од ЕУ. Има ли нешто полесно за западниот политичар од обвинување на далечни и непознати земји, Романија и Бугарија, кои што се тотално недолжни за проблемите кои што западните политички елити ги предизвикале во западните општества со своите долгогодишни политики?
Постојат определени кругови во Скопје, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево кои што ќе ја дочекаат оваа вест со потсмев и со злорадост. Будалетинки … Одлуката на Холандија за вето на бугарскиот влез во Шенген е трагедија за македонската европска интеграција. Секоја земја-членка на ЕУ има отворен пат кон еврото и кон Шенген-зоната. Блокадата на Бугарија е срамна одлука на Холандија, јасен показател дека од перспектива на Хаг Бугарија не е полноправна земја-членка на ЕУ и не требало никогаш да биде.
Каква врска има тоа со Македонија? Ако Холанѓаните имаат ваков срамен однос кон Бугарија, тоа значи дека во нивниот светоглед кон Македонија (и кон останатите од Западен Балкан) се најмалку три скалила подолу.
Во Хаг добро знаат дека Бугарија е и повеќе од подготвена за Шенген, дека одамна ги завршиле сите реформи, дека е платена (и преплатена) сета потребна опрема, дека се обучени сите политициски службеници, дека се воспоставени сите потребни институции, дека се поминати сите можни и неможни, замисливи и незамисливи инспекции од сите земји-членки и дека Бугарија ги исполнила сите одредници. Но, ѕверот, наречен популизам и разјарено јавно мислење, мора да се храни со нешто, а има ли подобро „црвено место“ за тоа чудовиште од еден потценувачки, понижувачки, надмен, презрив и омалуважувачки однос кон Бугарија.
Ако Бугарија не заслужува Шенген по сите спроведени реформи и позитивни оценски мисии, како тогаш Македонија ќе добие прием во Европската Унија?
Од овие причини Македонија мора најжестоко да се бори и да ги поддржува стремежите на Босна и Хецеговина да се стекне со статус кандидат за членство и да ги отпочне преговорите, Косово да добие визна либерализавија, Србија и Црна Гора да отворат нови поглавја, а Бугарија да влезе во Шенген.
Независно од нашите соседски кавги, од перспектива на Брисел и на јадрените земји-членки на ЕУ ние сите сме исти и еднакво непожелни во европскиот клуб. Ако заеднички го кренеме гласот и ја посрамиме Европа, токму повикувајќи се на европските вредности и бранејќи ги прокламираните европски цели и залагањата за антидискриминација, обединување и надминување на разликите, можеби и ќе успееме заеднички да си ги постигнеме целите.
Европо, доста е! Европо, стига, бе! Европо, доста је било!