Куче беше извлечено од надојдените води на реката Луда Мара во Кавадарци, откако синоќа кавадаречките пожарникари од локалната Противпожарна служба интервенираа по добиена дојава од член на здружение за заштита на животните. Благодарение на брзата реакција, животното беше спасено пред водата да го однесе подалеку низ коритото.

Според информациите од Кабинетот на градоначалникот, „во речното корито на Луда Мара било забележано куче – мокро, исплашено и целосно беспомошно. Член на Здружението ‘Лина спаси живот – добиј живот, спас за животните’ веднаш реагирал и ја известил противпожарната служба каде на терен пожарникарите со брза и професионална акција го извлекле од водата“. Кавадаречките пожарникари уште еднаш ја покажаа својата посветеност.

По акцијата, кучето било префрлено во стационар каде ќе добие соодветна грижа и помош доколку биде потребно. Грижата на кавадаречките пожарникари продолжува и по интервенцијата.

Во објавата споделена на Фејсбук страницата на градоначалникот стои: „Голема благодарност за храброста, вниманието и љубовта кон животните. Хуманите дела зборуваат најгласно, заедно спасуваме животи.“