Конзервансите редовно се додаваат во прехранбените производи за да го продолжат нивниот рок на траење и да ги запрат процесите на оксидација и развојот на штетни микроорганизми. Сепак, ново обемно научно истражување објавено во престижното медицинско списание European Heart Journal отвора сериозни сомнежи околу долгорочните последици од нивното консумирање.

Истражувањето опфатило 112.395 учесници во рамките на француската долгорочна студија NutriNet-Santé, чие здравје било следено во просек речиси осум години. Научниците направиле детална анализа на навиките во исхраната, водејќи прецизна евиденција за составот на консумираните намирници за да го измерат нивото на изложеност на различни прехранбени адитиви.

Резултатите од студијата покажале дека испитаниците кои внесувале најголеми количини конзерванси без антиоксидантно дејство имале 29 отсто поголема зачестеност на висок крвен притисок, како и 16 отсто повисок ризик од кардиоваскуларни заболувања во споредба со лицата со најнизок внес. Кај групата што консумирала најмногу антиоксидантни конзерванси, пак, била регистрирана 22 отсто поголема појава на хипертензија.

Овие хемиски супстанции редовно се присутни во преработените месни производи, овошните преработки, индустриските безалкохолни пијалаци и низа други фабрички спакувани намирници што секојдневно се купуваат во маркетите.