Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во Министерството за спорт го пречека младиот каратист Марко Џорлев и лично му го честиташе историскиот успех – златниот медал на Светското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори (У21), кое се одржа во полскиот град Бјелско-Бјала.

Министерство за спорт

Џорлев го освои златото во категоријата до 63 килограми, во дисциплината борби, совладувајќи го во финалето Унгарецот Адам Баги со 4:1. Со овој триумф, тој стана првиот македонски светски шампион во карате во својата возрасна категорија, остварувајќи историски резултат за македонскиот спорт.

На средбата, министерот Ристовски ја истакна важноста на успехот на Џорлев и значењето на континуираната поддршка за младите спортски таленти.

„Успехот на Марко е гордост за Македонија и доказ дека со талент, посветеност и дисциплина се стигнува до светскиот врв. Наша обврска како Министерство за спорт е да создаваме услови за развој на младите спортисти и да им обезбедиме поддршка за да ги остварат своите потенцијали. Продолжуваме да инвестираме во спортските надежи, бидејќи тие се иднината на македонскиот спорт“ – истакна Ристовски.

Министерство за спорт

Марко Џорлев е еден од стипендистите на Министерството за спорт во категоријата „Спортска надеж“, наменета за поддршка на талентираните млади спортисти. Светската титула е круна на неговата успешна натпреварувачка година, во која освои злато и на натпревар од Светската младинска лига во Пореч, а на Европското првенство го освои петтото место. Благодарение на постигнатите резултати, Џорлев се најде и на врвот на светската ранг-листа во својата категорија.

На Светското првенство во Полска, Македонија настапи со вкупно 31 каратист, предводени од селекторот Дејан Ристески.

Успехот на Џорлев е историски момент за македонското карате и потврда дека поддршката за младите спортисти е вложување во иднината и новите успеси на македонскиот спорт.