Полицијата во австрискиот град Линц уапси хрватски државјанин осомничен дека со нож усмртил еден Авганистанец и тешко повредил друг. Нападот се случил во центарот на градот во саботата навечер, објавија австриски медиуми.
Според австриската новинска агенција APA, 34-годишниот хрватски државјанин прво нападнал еден Авганистанец, а потоа избодел и друг маж кој подоцна починал од повредите во болница.
Полицијата соопшти дека на инцидентот му претходела вербална расправија меѓу осомничениот и тројца Авганистанци. По расправијата, осомничениот се вратил дома и на сопругата ѝ најавил дека ќе изврши напад. Таа веднаш ја известила полицијата, но во меѓувреме тој го извршил нападот.
Весникот „Кронен цајтунг“ (Kronen Zeitung), повикувајќи се на сведоци, објави дека конфликтот започнал кога осомничениот се соочил со постар возач кој му затрубил откако тој ненадејно излегол на коловозот.
Тројца Авганистанци кои се нашле на местото на настанот се вмешале за да му помогнат на возачот. Осомничениот, според извештаите, им се заканил дека ќе ги „доведе своите пријатели“.
Набргу потоа, тој ги нападнал тројцата мажи од грб. Прво прободел еден од нив во вратот, по што другите двајца се обиделе да побегнат. Еден од нив се сопнал и паднал, а напаѓачот потоа смртоносно го избодел.
Осомничениот бил уапсен од полицијата и за време на сослушувањето го признал делото, наведувајќи дека причината била ментална болест.
Полицијата соопшти дека во текот на расправијата пред нападот, осомничениот користел ксенофобичен јазик и извикувал расистички навреди.
„Но немаме сознанија дека осомничениот е радикален, ниту десничарски ниту левичарски“, изјави портпаролот на полицијата.
Според медиумските извештаи, осомничениот хрватски државјанин е роден во Австрија и претходно бил осудуван за насилство и кражба.
