Министерството за демографија и имиграција на Хрватска започнува пилот-програма за финансиска поддршка на семејства со четири или повеќе деца, со која ќе се кофинансира купување возила со седум или повеќе седишта.

Програмата ќе се реализира во соработка со Фондацијата „Хрватска за деца“, а за нејзино спроведување се обезбедени до 2,2 милиони евра.

Министерот за демографија и имиграција Иван Шипиќ оцени дека поддршката за родителството мора да биде проследена со конкретни мерки кои ќе им го олеснат секојдневието на семејствата.

„Родителството не се поддржува само со зборови, туку со конкретни мерки што се чувствуваат во секојдневниот живот. За семејствата со четири или повеќе деца, возило со поголем капацитет честопати не е прашање на удобност, туку на неопходност – за одење во градинка, училиште, лекар и полесно организирање на животот“, изјави Шипиќ.

Според него, станува збор за инвестиција во семејството и создавање услови во кои родителството и секојдневните обврски ќе бидат полесни.

Јавниот повик со деталните услови за аплицирање, потребната документација и начинот на поднесување на барањата се очекува да биде објавен во септември.

Финансиската поддршка ќе покрива 50 проценти од вредноста на ново или половно возило, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност. Највисокиот износ што едно семејство ќе може да го добие изнесува 15.000 евра.

Мерката е наменета за семејства со четири или повеќе биолошки или посвоени деца.