Новите мерки на хрватската влада предводена од премиерот Андреј Пленковиќ доведоа до намалување на цените на горивата.
На владината седница одржана во понеделникот, донесена е одлука со која за 50 литарски резервоар заштедата за бензин е околу 114 куни, а за дизелот 134 куни.
-На седница на Владата донесовме нови мерки за ублажување на растот на цената на горивата и ударот по стандардот на граѓаните. Со намалување на висината на расходите и ограничување на висината на маржите, воведуваме 14-дневен период за утврдување на цените на нафтените деривати, напиша Пленковиќ на Фејсбук.
Ова значи дека цените на нафтените деривати ќе се менуваат на секои 14 дена, што значи поголема сигурност и стабилност за домашниот буџет на граѓаните.
-Со ваков начин на пресметка ќе се донесе максимална заштеда за граѓаните. Ова е поповолно за граѓаните, порачува Пленковиќ.
Ваквите мерки ќе важат 30 дена по што владата, како што е најавено, повторно ќе ја процени состојбата и одново доколку има потреба ќе реагира.
Пред речиси една недела, интервенција во цената на горивата имаше и во Германија откако државата се откажа од голем дел од данокот за енергија.
Додека кај нас, се уште нема никакви мерки за спречување на поскапувањето на горивата.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека до крајот на неделата ќе биде донесена одлука дали ќе се интервенира во делот на цените.
А, вчера беше одбиен законот за намалување на акцизата на цената за горивата кој го предложи ВМРО ДПМНЕ со кој ќе се намалеа цените на горивата.
Моменталните цени на нафтените деривати во Македонија изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 110,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 112,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 102,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 99,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 55,508 (денари/килограм).