Европските лидери денеска се собрани во Брдо кај Крањ за да разговараат за европската перспектива на Западниот Балкан, кој како што стојат работите уште долго време ќе остане црна дупка.

Според дипломатските информации кои стигнуваат, на овој Самит земјите од регионот најмногу што можат да очекуваат се зборовите „приврзаност кон проширувањето“. Значи нема датум за почеток а камоли рок до кога може да се надеваат дека ќе станат членки.

Јасно е дека Европската Унија не е заинтересирана за прием на нови членки од Балканот и сега за официјален Брисел е најважно како тоа да биде спакувано во убава дипломатска обланда за земјите не се опуштат и излезат од европскиот колосек, посебно кога се работи за реформите.

Кога се работи за Македонија е јасно дека додека Заев е премиер нема да има датум за преговори. Настрана спорот со Бугарија и т.н замор од проширување, корупцијата и скандалите се најголемата причина што ЕУ нема да дозволи Македонија да ги отвори преговорите.

Да, Бугарија во моментов ја злоупотребува својата позиција но тоа е со „амин“ на големите, пред се Франција и Германија.

Никој не може да го убедат дека доколку Германија и Франција навистина сакаат Македонија да почне преговори дека не можат да ја притиснат Бугарија која е најсиромашна земја во Унијата со затегање на некој од многубројните фондови кои властите во Софија ги земаат.

Дека е малку веројатно наскоро да има проширување навести и австрискиот канцелар Себастијан Курц кој истакна дека францускиот претседател Емануел Макрон нема да ја смени својата цврста позиција за проширување на ЕУ пред претседателските избори.

Колатерална штета на процесот на проширување се и Албанија и Србија. Но, тие земји барем не го сменија името за да влезат во ЕУ, како што ветуваше Зоран Заев на референдумското прашање.

Згора на тоа, Србија е лидер по странски инвестиции во регионот и се помалку и е потребна ЕУ. Но, и тие знаат дека на крајот од патот и нив ги чека Косово. Но Вучиќ не е наивен или глуп да падне на убави европски зборови или ветувања.