Секогаш кога Македонија се обидува да ја отвори вратата кон Европа, од соседството се повторуваат добро познати политички рефлекси што личат на координирана стратегија за затворање на процесот преку прашањата за минатото и националниот идентитет. Актуелните случувања во пресрет на официјалната посета на премиерот на Брисел јасно го илустрираат овој механизам, додека владата се обидува да образложи дека евроинтеграциите не смеат да зависат од билатерални историски спорови.

Од грчка страна повторно се оживуваат историски конструкции и текстови од периодот на агресивна националистичка пропаганда, при што во јавниот простор се пласираат тези што ја проблематизираат македонската посебност. Во исто време, од бугарска страна во самиот Европски парламент се организира промоција на публикација со која отворено се оспорува идентитетот на Македонците, испраќајќи порака директно од срцето на европската институција.

Ваквите активности создаваат циничен контраст во институција што треба да ја брани демократската култура на континетот. Иако ниту Грција ниту Бугарија немаат обврска да ги прифатат македонските интерпретации, проблемот настанува кога историските расправи се претвораат во дипломатски алатки, а членството во Европската Унија се злоупотребува за институционален притисок врз земја кандидат.

Наместо напредокот да се вреднува според спроведените реформи, демократските институции и владеењето на правото, државата постојано се вовлекува во расправи за името, историјата и прифатливоста на националниот идентитет за соседите. Со тоа земјата кандидат се соочува со испит за сопственото постоење пред испитувачи кои истовремено се директно заинтересирани страни во спорот, потпирајќи се врз реалната асиметрија на моќта на европската маса.

Постапките на соседите претставуваат сериозен тест за кредибилитетот на самата Европска Унија. Брисел мора јасно да одговори дали европските вредности важат подеднакво за сите или се применуваат селективно според политичката тежина, со оглед на тоа што паралелните дејствија на двете соседни држави постојано ја ставаат македонската страна во позиција на дефанзива и постојано докажување.

Поради тоа, претстојната посета на Брисел претставува можност отворено да се постави прашањето до кога Унијата ќе дозволува билатерални историски спорови да ја суспендираат европската перспектива на една земја. Ниту еден реформски процес не смее да се претвори во барање за национално самооткажување, ниту пак кандидатскиот статус треба да се плаќа со идентитетски отстапки наместо со реални европски критериуми и факти.