Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во селото Ташмаруништа положи цвеќе пред спомен-обележјето посветено на хероите од илинденската епопеја.
Заедно со него беа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, како и заменик-министерот за правда Ален Деребан.
„Илинден не е само спомен на славното минато, туку и трајна обврска да ја чуваме, развиваме и сакаме нашата татковина. Со благодарност кон хероите и со почит кон нивното дело, го продолжуваме патот со одговорност, единство и љубов кон Македонија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој посочи дека на овој ден им се оддава почит на илинденците и на сите кои со својата жртва ги вградиле темелите на македонската државност и слобода.
Со порака се огласи и заменик-министерот за правда Ален Деребан.
„Никогаш да не се заборави дека нашиот пат е трасиран од генерации јунаци кои со крв ја обележале патеката по која чекориме и од која никогаш и за ништо нема да отстапиме ниту педа“, се вели во неговата објава.
