Сите, освен два влеза во зградата на парламентот, беа затворени во присуство на невиден број полицајци и безбедносни лица, бидејќи голем број демонстранти се собраа пред зградата откако маршираа низ центарот на Велингтон.
Демонстрациите беа мирни, а многу луѓе со транспаренти извикуваа слогани со порака до владата да ја укине задолжителната вакцинација и ограничувањата.
Премиерката Џасинда Ардерн минатиот месец рече дека наставниците и работниците во здравствениот и социјалниот сектор мора да бидат целосно вакцинирани против Ковид-19 и вети дека ќе ги укине ограничувањата само откако ќе се вакцинираат 90 отсто од подобното население.
Тој праг е повисок отколку во многу други земји и предизвика критики од луѓето кои повикуваат на повеќе слободи, додека задолжителната вакцинација е исто така пречка за оние кои сакаат да се вратат на работа, но избегнуваат да бидат имунизирани.
Нов Зеланд продолжува да бележи еден од најниските регистрирани случаи на Ковид-19 во светот, со помалку од 8.000 пријавени инфекции досега и 32 смртни случаи од оваа болест. Денеска се пријавени 125 нови случаи, а вкупната стапка на целосна вакцинација со две дози достигна речиси 80 проценти кај квалификуваното население.