Неговото богатство се мери во стотици милијарди долари, но домот што го избрал нема речиси ништо заедничко со типичните вили на милијардерите. Илон Маск, чие богатство според годишната листа на „Форбс“ за 2026 година се проценува на 839 милијарди долари, тврди дека поголемиот дел од времето го поминува во приземна куќа вредна околу 50.000 долари во Бока Чика, која ја изнајмува од својата компанија „Спејс-икс“ (SpaceX).

Овој скромен приземен дом има вкупно три спални соби, откако Маск одлучил да ја преуреди внатрешноста. Покрај оваа главна куќа, тој користи и монтажен модел „Касита“ (Casita) од компанијата „Боксабл“ (Boxabl) како куќа за гости.
Илон Маск со години ја носи титулата за еден од најбогатите луѓе на планетата, но наместо огромна вила со базени, приватни кина и десетици соби, неговото главно живеалиште е едноставен објект во областа Старбејс во Тексас.
„Мојата главна куќа е буквално куќа од 50.000 долари во Бока Чика/Старбејс, која ја изнајмувам од SpaceX. Но, навистина е одлична“, напиша Маск на социјалната мрежа X.

Куќата се наоѓа во непосредна близина на комплексот на SpaceX и однадвор воопшто не наликува на дом на еден од најбогатите луѓе во светот. Станува збор за едноставен приземен објект во светла боја, кој милијардерот го користи како сопствена база додека престојува во Тексас.
За време на своето гостување во подкастот „Full Send“, тој подетално објасни како го организирал внатрешниот простор.
„Технички, тоа е куќа со три спални соби. Претходно имаше две, но јас ја претворив гаражата во трета спална соба“, рече Маск.
Покрај главната куќа, Маск поседува и монтажен објект од компанијата „Боксабл“ (Boxabl), наменет за гости. Моделот „Касита“ во времето кога Маск го набавил чинел околу 50.000 долари и има вкупна површина од приближно 35 квадратни метри.
