Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес се обрати на народниот митинг во Маврово-Ростуше во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година. Настанот се одржа под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“

Мицкоски во своето обраќање ги коментираше политичките опоненти, нагласувајќи дека СДСМ, ДУИ и Левица на овие избори се поврзани исклучиво од желбата за власт и од, како што рече, големата омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.

„На овие избори имаме две опции. Секој кој што мисли дека има трета опција се лаже. Нема трета опција. Едната опција се една коалиција. која што во некои од општините делува формално, односно јасно е профилирана, во некои од општините е полуилегална или би рекол неформална. А, во некои од општините делува повеќе стихидно. Но, во суштина, се заедно и нив ги поврзаа две работи на овие локални избори,“ изјави Мицкоски.

СДСМ зборува за дом, ама кој дом?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека според него, СДСМ зборува за „дом“ во својата изборна кампања, но не е јасно за кој дом точно се мисли.

„Оваа коалиција, ако се вратиме назад имаше можности. Еден субјект во оваа коалиција тоа е да настапува со слоганот “Да  се бореле за домот“. Тие имаа 7 години можности да се борат за својот дом, наречен нашата татковина Македонија. Освен жесток грабеж, предавство и понижување на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија, на Македонија како држава буквално ништо друго, ниту испорачаа, ниту направија,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека граѓаните сега се збунети поради, како што рече, лицемерните пораки од опозицијата.

„Затоа се прашуваме, на кој дом мислат, дали мислат можеби на онаа вила на егејското крајбрежје, на Халкидики, дали мислат на хациендата во Дубаи, или пак мислат на оние скапи глисери коишто ги видовме летоска. Секоја нивна порака е исполнета со лага, невистина и црна кампања,“ изјави тој.

Две децении власт, а повеќе од сто илјади негови граѓани се иселија

Во продолжение, Мицкоски се осврна и на лидерот на ДУИ, за кого рече дека имал повеќе од две децении можност да направи промени за граѓаните, но не успеал да испорача резултати.

„Тој имаше повеќе од две децении можност да направи нешто и за граѓаните и за албанскиот народ кој го гласа. А што направи за возврат? Пред очи гледаше како се празнат селата, а сега и градовите. Повеќе од сто илјади негови граѓани се иселија. Залудни се хациендите во Зајас, залудни се замоците во Зајас, затоа што соседите ги нема,“ заклучи Мицкоски.

Настанот во Маврово-Ростуше беше дел од низата митинзи што ВМРО-ДПМНЕ ги одржува низ државата во рамки на кампањата за локалните избори.