Инфлацијата во Велика Британија се зголеми на 9,1 отсто на годишно ниво во мај, што е највисоко во изминатите 40 години, покажува извештајот објавен од Националната канцеларија за статистика на Обединетото Кралство.

Инфлацијата во голем степен е поради повисоките најнови цени на електричната енергија во земјата и зголемените трошоци за гориво во услови на растечка енергетска криза во Европа, резултат на санкциите воведени против Русија. Индексот на потрошувачките цени во април забележа раст за девет проценти во однос на истиот месец минатата година, се наведува во извештајот.

Според најновите оценки на британската централна банка, есенва инфлацијата во земјата ќе порасне до 11 проценти. Во март, лондонскиот Центар за економски и деловни истражувања објави извештај, каде се предупредува дека Обединетото Кралство се соочува со најголем пад на животниот стандард од педесеттите години на минатиот век.