Венко Филипче со месеци ја плаши јавноста со тврдења дека цените неконтролирано растат, дека инфлацијата се разгорува и дека Владата не успева да ја стави под контрола. Но, за разлика од политичките прес-конференции на Филипче, бројките не можат да се приспособуваат според дневнополитичките потреби, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

На 27 март Филипче тврдеше:

„Сведоци сме како цените на храната растат секој ден… сè е поскапено.“

На 22 април отиде уште подалеку, тврдејќи:

„Спиралата на раст на цените започна и тешко нешто сега може да го стопира.“

На 21 јуни повторно тврдеше дека Владата потфрлила во контролата на инфлацијата и посочи дека инфлацијата изнесувала 4,8 проценти, додавајќи дека „растот на цените е огромен“.

А на 14 јули Филипче повторно најавуваше нова спирала на поскапувања:

„Стагнира економијата, опаѓа животниот стандард, цените растат.“

И тврдеше дека покачувањето на горивата ќе донесе „дополнително активирање на спиралата на поскапување насекаде“.

Само неколку недели подоцна, официјалните бројки покажуваат сосема поинаква слика од онаа што Филипче ја претставуваше пред граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците прикажани од Државниот завод за статистика, инфлацијата во март 2026 година изнесувала 4,9 проценти, во април 5,7 проценти, во мај 4,8 проценти, во јуни се намалила на 3,4 проценти, а во јули паднала на само 2,3 проценти.

Значи, токму во периодот кога Филипче зборуваше за спирала која „тешко нешто може да ја стопира“, инфлацијата од априлскиот максимум од 5,7 проценти се намалува на 2,3 проценти во јули.

Тоа е пад од 3,4 процентни поени за само три месеци.

Уште појасна е споредбата со периодот кога СДС беше на власт.

Во периодот март–јули 2022 година просечната инфлација изнесувала 12,34 проценти, додека во истиот период од 2026 година изнесува 4,22 проценти. Разликата е огромни 8,12 процентни поени.

Кај цените на мало разликата е уште поголема: просекот март–јули 2022 година изнесувал 12,1 проценти, додека во истиот период во 2026 година е 3,88 проценти, односно 8,22 процентни поени пониско“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека ова се бројки, а не политички квалификации.

Филипче во април велеше дека спиралата на раст на цените започнала и дека тешко може да се запре. Во јули тврдеше дека цените продолжуваат да растат и најавуваше дополнителна спирала на поскапувања.

Официјалната статистика, пак, покажува дека инфлацијата се движи во спротивна насока – од 5,7 проценти во април, преку 4,8 проценти во мај и 3,4 проценти во јуни, до 2,3 проценти во јули.

Тоа е најдобриот одговор на политиката на страв и создавање лажна слика во јавноста.

Филипче може секојдневно да зборува дека цените „се вивнуваат“ и дека инфлацијата неконтролирано расте, но на крајот остануваат фактите.

А фактите покажуваат дека инфлацијата паѓа, дека во јули е повеќе од двојно пониска од април и дека просечната инфлација во периодот март–јули 2026 година е за 8,12 процентни поени пониска отколку во истиот период во 2022 година.

Толку за економските прогнози и „спиралите“ на Венко Филипче.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика се најдобриот демант“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.