Инфлацијата во еврозоната значително забави во јануари и изнесува 1,7 проценти на годишно ниво, покажуваат пресметките на Евростат. Намалувањето на цените на енергијата го надмина порастот на цените на свежата храна.
Според Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), на крајот од минатата година цените беа за 2,0 проценти повисоки отколку на крајот од 2023 година. Евростат во меѓувреме ја ажурираше методологијата за пресметка за да ја усогласи со меѓународниот стандард на Статистичката комисија на ОН. Според старата методологија, инфлацијата во декември изнесувала 1,9 проценти.
Новата методологија прави појасна разлика меѓу стоките и услугите и воведува нови класи и подкласи, како поправки, одржување, инсталација, изнајмување, такси за достава и категорија „лична нега, социјална заштита и разни стоки и услуги“.
Со прилагодената пресметка, инфлацијата на почетокот на 2025 година е на најниско ниво од септември 2023 година. Европската централна банка стабилен раст на цените го дефинира како инфлација од два проценти.
Свежата храна во јануари поскапела за 4,4 проценти на годишно ниво, значително повеќе отколку во декември, кога растот бил 3,5 проценти. Услугите пораснале за 3,2 проценти, нешто помалку отколку претходниот месец.
Енергијата била поевтина за 4,1 процент во споредба со пред една година, најмногу од септември. Во декември падот бил 1,9 проценти.
Без енергијата и свежата храна, цените во еврозоната биле за 2,2 проценти повисоки во јануари отколку пред една година, наспроти 2,3 проценти во декември.
На месечно ниво, потрошувачките цени паднале за 0,5 проценти во јануари, додека во декември пораснале за 0,2 проценти. Свежата храна бележи најголем месечен раст од 1,7 проценти.
Енергијата и услугите го промениле трендот: енергијата поскапела за 0,7 проценти во однос на декември, додека услугите поевтиниле за 0,3 проценти.
