На денешното рочиште од судскиот процес за пожарот во клубот „Пулс“, во кој пред една година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, сведочеше Дарко Стојков, инспектор во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Виница. Тој беше дел од екипата која извршила увид во објектот по трагедијата, пренесува 360 степени.

Сериозни пропусти: Само два противпожарни апарати и заклучена задна врата во клубот

Стојков изјави дека при влегувањето во објектот забележале големи пропусти во безбедносните услови. Според него, во клубот имало само два противпожарни апарати, што е недозволиво ако се земе предвид квадратурата на просторот.

„Болно е малку прашањето. Прво, имаше црнила, саѓе, уште што немаше пред влезот. Но, кога влеговме внатре, имаше само два противпожарни апарати“, рече сведокот.

Тој додаде дека хидрантот за вода бил празен, немало црево, ниту систем за дојава на пожар. Посебно ја истакна задната врата, која според него била заклучена и не ги исполнувала стандардите за евакуација.

„Од внатрешната страна немаше квака, плус долу беше заклучена со катанец. Тоа можеше да се забележи иако беше разбиена од пожарникарите при гасењето на пожарот“, рече Стојков.

Ограничени услови за евакуација

Според сведочењето, задната врата можела да послужи како излез за евакуација, но била заклучена и дополнително запечатена со стиропор. Над неа немало панично светло, а просторот до кој водела бил несоодветен за евакуација.

Станувало збор за тесна тревна површина што завршувала во брег, што дополнително го отежнувало пристапот на Итната помош и противпожарните екипи. Стојков посочи и дека на прозорецот од женскиот тоалет имало поставени решетки.

Според неговата проценка, пожарот најверојатно бил предизвикан од прскалки кои го запалиле платното на таванот над бината, по што пламенот брзо се проширил бидејќи таванот и прозорците биле заѕидани со стиропор.

Кочани повеќе од една деценија без инспектор

Сведокот објасни и дека Дирекцијата за заштита и спасување со години нема инспектор во Кочани. Последниот инспектор, како што рече, заминал во пензија пред повеќе од десет години.

„Во клубот ‘Пулс‘ не е вршен надзор од моја страна бидејќи јас сум инспектор во Виница и немам надлежност во Кочани“, рече Стојков, додавајќи дека ваков недостиг на кадар постои и во други градови.

Тој појасни дека редовните и вонредните инспекции се вршат по годишни и месечни планови или по наредба од генералниот инспектор, директорот или заменик-директорот на ДЗС. Правните субјекти, пак, се должни до општината да достават планови за заштита од пожари и евакуација како услов за добивање дозвола за работа.

За време на сведочењето, одбраната на обвинетите имаше повеќе приговори, на што реагираа дел од родителите на загинатите. Во меѓувреме, Обвинителството сè уште не се изјасни за барањето за укинување на куќниот притвор на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов.