Новата функција е наменета за споделување „во реално време“

Instagram официјално ја пушти новата функција „Инстанти (Instants)“, која им овозможува на корисниците да споделуваат фотографии што може да се видат само еднаш и остануваат достапни 24 часа.

Функцијата првично била тестирана со одбрани корисници, а сега почнува глобално да се воведува.

Според Meta, целта е корисниците да споделуваат автентични моменти додека се случуваат, без дополнително уредување и филтри.

Инспирирана од Snapchat, BeReal и Locket

Новата алатка е инспирирана од платформите Snapchat, BeReal и Locket, кои се фокусираат на краткотрајна и пореална содржина.

Фотографиите се снимаат директно во апликацијата и не може да се прикачуваат од галерија. Корисниците можат да додадат текст, но нема можност за дополнително уредување.

„Инстант“ се снима преку мини-иконата во долниот десен агол на сандачето на профилот. Откако фотографијата ќе биде испратена, примателите можат да реагираат со емотикони, да одговорат или да возвратат со свој „Инстант“.

Дел од корисниците сметаат дека функцијата е непотребна

„Инстаграм“ ќе ги чува споделените „Инстанти“ во приватна архива до една година. Корисниците ќе можат и подоцна да ги објавуваат преку „Приказни“.

Доколку фотографијата е испратена по грешка, ќе постои опција за повлекување пред примателот да ја отвори.

Компанијата овозможува и целосно исклучување на функцијата, како и блокирање или исклучување на одредени корисници.

Дел од критичарите сметаат дека ваквиот концепт веќе е виден кај „BeReal“ и дека корисниците веќе ги користат „Stories“ за брзи и неформални објави, па според нив дополнителна функција не била неопходна.