Интерпелацијата за државниот обвинител Јовевски ќе се најде на првата нова наредна седница информираа денеска од кабинетот на собранискиот спикер Џафери.
Одговорот од страна на Јавниот обвинител е доставен на време. И моментално службата работи на тоа и за кратко време ќе го добијат сите пратеници. Според наведените членови во деловникот интерпелацијата ќе биде на првата наредна нова седница. Претседателот на Собранието ги почитива сите рокови и постапува по Деловникот информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието, посочуваат од кабинетот на Џафери.
Во одговорот пак на Јовевски кој се осврнува и на обвинувањата за тетовската модуларна болница се наведува:
Најодговорно изјавувам дека никогаш во ниту еден момент во текот на оваа постапка немало обид за влијание и притисоци . Имајте предвид дека во текот на глобалната светска здравствена криза десетина вакви случаи или потешки катастрофални несреќи со човечки жртви од речиси идентична природа се случија во повеќе европски и други земји. До овој момент Р.С.М е една од ретките земји ако не и единствена каде што за ваквиот настан беше поведена кривична постапка која резултираше со првостепена осудителна пресуда .
Денеска и дел од пратениците од албанскиот блок односно од Беса , Демократско движење и Алтернатива реагираа на тоа што и до сега собранискиот спикер Џафери не ја стави точката на дневен ред..
И пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да даде поддршка на интерпелацијата бидејќи како што велат најголемите криминали на оваа влада се случувале токму во времето на Јовевски .
Според Законот за јавно обвинителство, огласот за избор на нов јавен обвинител Собранието треба да го огласи најмалку два месеца пред истекот на мандатот на претходникот или веднаш по испразнувањето на местото. Кандидатите за обвинителското столче имаат рок од 15 дена од објавувањето во „Службен весник“ да поднесат пријави.