Димитров во интервјуто потенција дека би било контрапродуктивно доколку има политички притисок Комисијата за историски прашања да испорача.

– Ние како политичари сме во деликатна позиција да даваме суд и оценка за работа на експерти, академици, професори итн, во случајот во областа историја. Ако има политичко охрабрување, веројатно може да има, меѓутоа ако има политички притисок Комисијата да испорача, ќе има голем јаз меѓу Комисијата и општеството. Мислам дека тоа веројатно ќе биде контрапродуктивно. Затоа сите треба да бидеме многу внимателни кога судиме за работата на Комисијата, а истовремено пак членовите на Комисијата и копретседавачите треба да бидат внимателни кога даваат политички судови, бидејќи и тоа ни се има случувано.

Прашан околу тоа дали македонскиот идентитет ќе биде зачуван со најновиот предлог на Португалија, кој го донесоа Вархеји и Силва во Македонија и Бугарија, Димитров одговори потврдно.

– Да. Многу е битно главните принципи во предлог преговарачката рамка, со којашто излезе Европската комисија, и сега сакаме и работиме на консензус, каде што би влегла и Бугарија, да ги зачува тие главни принципи. Нашата позиција се темели на кристално јасен принцип – македонски народ, македонски јазик, тоа се прашања што се прашања за нас, за нашиот народ, еден интимен простор, внатрешно прашање и во меѓународните односи, во меѓународното право овие прашања не се предмет на признавање или непризнавање. Се признаваат држави, се признаваат влади, но ова израз на сувереното право на самоопределување. Ќе биде невозможно ако без оваа елементарна почит, која многу легитимно ја очекуваме од сите наши комшии, без таква елементарна почит многу е тешко да работите на создавање пријателство. Ако македонскиот народ се чувствува загрозен во ова базично право, тоа не е инвестиција во пријателство, туку ќе се зголемува јазот и ние ќе бидеме, ќе останеме во ровови на некој начин.

Целото интервју погледнете го ТУКА.