Италија ја предупреди Украина да не ја проширува војната со Русија на просторот на Средоземното Море. Италијанската премиерка Џорџа Мелони од Брисел упати порака до официјален Киев, откако шефот на дипломатијата Антонио Тајани претходно ги оцени нападите врз руските бродови во Либија како погрешен чекор.
„Сметам дека војната не смее и не може да се прошири на Медитеранот. Мораме да бидеме многу јасни по ова прашање со нашите украински пријатели, но и со нашите партнери“, изјави Мелони.
Таа истовремено посочи дека Италија треба да продолжи да ѝ помага на Украина во нејзината одбрана.
Министерот Тајани претходно телефонски разговарал со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, при што побарал од властите во Киев да го почитуваат суверенитетот на Либија. Во изјава за весникот „Кориере дела сера“, Тајани открил дека Украина воопшто не ја известила Италија за планираните воени дејствија.
Според информациите на италијанскиот весник „Ла стампа“, Мелони лично побарала гаранции од украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што од Киев добила уверување дека земјата не сака воен конфликт во Медитеранот.
Случувањата отворија и несогласувања во италијанската влада, откако вицепремиерот Матео Салвини предупреди дека таквата воена операција директно ја загрозува безбедноста на западните сојузници на Украина.
Италија има значајни енергетски интереси во Либија преку компанијата „Ени“, а Рим истовремено соработува со либиските институции за контрола на миграциските рути преку Средоземното Море.
Од друга страна, Франција застана во одбрана на украинската воена акција. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро притоа се повика на правото на Украина на самоодбрана.
Украинските сили на 22 ноември извршија напад врз два руски брода кај пристаништето во Бенгази. Според наводите од Киев, била потопена корветата „Меркур“, а оштетен бил товарниот брод „Ангара“, за кој се тврдело дека превезувал вооружување. Зеленски ја презеде одговорноста за спроведената операција.
Во нападот тешко настрадале двајца либиски војници кои подоцна им подлегнале на повредите. Силите на генералот Халифа Хафтар, кој управува со источниот дел на Либија, најавија одговор на украинскиот напад, додека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков оцени дека Либија има целосно право да одговори за нападот врз нејзините војници.
