Средба на лидерите од регионот во Вашингтон
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во Вашингтон заедно со претседателите на Влада на Република Албанија Еди Рама и на Република Црна Гора Милојко Спајиќ оствари средба со сенаторката Џин Шајин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО.
Мицкоски: Инвестициите носат подобар живот
На средбата претседателот на Владата, Мицкоски, посочи дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот.
Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.
Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена, истакна Мицкоски кој додаде дека потребен е нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти.
Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани, како и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кој претставува најголема закана за напредокот. Македонската влада е посветена кон развиена економија и воспоставување на владеењето на правото, истакна премиерот Мицкоски.
НАТО Самит во Вашингтон
Во рамките на посетата на Вашингтон премиерот Мицкоски учествуваше на отворањето на НАТО самитот кој продолжува и во текот на денешниот ден.