Тензиите на Блискиот Исток се закануваат да ја нарушат дипломатијата

Во Швајцарија денеска почнува нова рунда директни разговори меѓу американски и ирански претставници, во обид да се зачува кревкиот договор за примирје и да се спречи дополнителна ескалација на Блискиот Исток.

Преговорите се одржуваат во момент кога конфликтот во Либан повторно ги зголемува тензиите во регионот, а Иран упати нови предупредувања за можноста од затворање на Ормускиот теснец – еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс пристигна во Швајцарија рано утринава, каде што ќе им се придружи на членовите на американската делегација, меѓу кои се Џаред Кушнер и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Од иранска страна, делегацијата ја предводат претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Во составот се и високи безбедносни претставници, како и претставници на централната банка и нафтениот сектор.

Во разговорите учествуваат и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и командантот на вооружените сили Асим Мунир, кои имаат посредничка улога.

Ормускиот теснец повторно во фокусот

Средбите во одморалиштето Биргеншток се одржуваат под силни безбедносни мерки, а меѓу клучните теми се спроведувањето на примирјето во Либан, безбедноста во Ормускиот теснец и пошироките обврски од привремениот договор.

Тензиите дополнително се зголемија откако иранската Централна команда Хатам ал-Анбија соопшти дека Ормускиот теснец ќе биде затворен за бродски сообраќај поради, како што тврди, прекршувања на договорот за прекин на огнот од страна на САД и Израел.

Од командата порачаа дека затворањето на теснецот е „прв чекор“ и предупредија дека ќе следуваат дополнителни мерки доколку продолжи, како што наведоа, „агресијата“.

САД ги отфрлија ваквите тврдења.

„Иран не го контролира Ормускиот теснец“, изјави за Ројтерс портпаролот на Централната команда на САД, Тим Хокинс.

„Сообраќајот продолжува да тече, а американските сили ја следат ситуацијата за да се осигурат дека ќе остане така“, додаде тој.

Трамп најави можни патарини

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека САД би можеле да воведат патарини за премин низ Ормускиот теснец доколку разговорите со Иран пропаднат по истекот на 60-дневното примирје.

„Нема да има надомест за премин низ Ормутскиот теснец за време на 60-дневниот прекин на огнот, или потоа, освен ако не е наметнато од страна на САД, доколку се постигне договор, за услуги извршени како ангел чувар на земјите од Блискиот Исток и за надоместување на минатите, сегашните и идните трошоци“, напиша Трамп на Truth Social.

Исходот од разговорите во Швајцарија се смета за клучен тест за тоа дали дипломатските напори ќе успеат да ја намалат кризата или регионот повторно ќе се соочи со нова ескалација.