Рокот за доставување понуди на тендерот за субвенции за нови авиолинии истекува денеска напладне. Отворањето на доставените понуди ќе се одржи утре од страна на Комисијата формирана за таа намена во Министерството за транспорт и врски.
Повикот, објавен на 20 декември лани, за субвенционирање нови авиолинии од двата аеродрома во земјава, Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, се однесува на периодот од 2023 до крајот на 2025 година. За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии.
Како што објави Министерството за транспорт и врски, овој јавен повик е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании.
Според повикот, финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Се предвидува да се доделува финансиска поддршка од седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.
Првичниот краен рок на повикот беше 19-ти месецов. Беше продолжен поради измени во тендерската документација, со кои се овозможи во критериумите за учество да не се бара позитивен биланс за 2020 и 2021 година поради ковид кризата. Останаа критериумите за превезени 10 милиони патници и најмалку 25 милиони евра профит во 2019 година.
Неговата објава уследи откако на 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, ја завршија 2022 година со приближно 2,4 милиони патници и 19.448 летови. Двата аеродрома забележаа 70 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 проценти, односно 89 проценти стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.
Од Меѓународниот Аеродром Скопје сообраќаат 11 авиокомпании (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet) до 36 дестинации, а од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид две авиокомпании (Wizz Air, Chair Airlines) сообраќаат до 4 дестинации.