Иран, кој во понеделникот беше домаќин на преговорите на министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, рече дека тоа е одлична можност за мир во Јужен Кавказ.

Ова беше прва средба меѓу двајцата министри за надворешни работи по молскавична офанзива на Азербејџан, кога силите на Баку минатиот месец го вратија отцепениот регион Нагорно-Карабах, објави Ројтерс.

Ова е историска можност за сите земји од регионот и бидејќи војната во Јужен Кавказ заврши, време е за мир и соработка“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

На разговорите во Техеран присуствуваа министрите за надворешни работи на Русија и Турција, близок сојузник на Азербејџан.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси рече дека, со оглед на неговата силна и влијателна позиција, Иран е подготвен да помогне во решавањето на постоечките спорови меѓу Азербејџан и Ерменија.

Во таа прилика, тој имплицитно ги посочи Соединетите Американски Држави и Европската Унија, чијашто вмешаност во барањето мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан особено ја иритира Русија, наведува Ројтерс.

Како што додава британската агенција, Русија се смета себеси за гарант на безбедноста меѓу Азербејџан и Ерменија, поранешните советски републики, но нејзината војна во Украина доведе до слабеење на влијанието на Москва на Јужен Кавказ.