– За Гоце, треба да се забележи пред сѐ дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против великобугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарскиот монархизам да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династички и класни цели. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до денешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и на Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои сили, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава во мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско… Секако, има голем број сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство – рекол во говорот Тодор Павлов.
Тој нагласува и оти Делчев е една од најголемите легенди на македонскиот народ.
– Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, па затоа тука, сепак, сме должни да обележиме дека Гоце во едно свое писмо напишал: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе мошне се разви и сѐ повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела што излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот народен театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик – сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.
Не малку на Гоце му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ, какви што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев. Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби на сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе да успешно да завршат револуционерните македонско-ослободителни цели. Тоа веќе се случи. Македонскиот народ во последната епска борба против фашистичкиот јарем, овој пат испадна не сам, туку имаше голем број моќни и верни пријатели и сојузници, како моќното југословенско народноослободително движење, предводено од Комунистичка партија и нејзиниот водач Тито… – истакнал Павлов.
Во говорот на свеченото собрание, тој рекол и оти вториот македонски Илинден во 1944 година ја имал генералната проба во 1903 година: „Треба да се рече смело и сега да се нагласи дека ако вториот Илинден заврши толку блескаво, неговата генерална проба од 1903 година, организирана од Гоце и неговите соборци (и покрај измамите и подли пресметки на внатрешните и надворешните врховисти со предвременото кревање на востанието) беше и ќе остане, и во свеста на македонскиот и на сите балкански народи токму како еден од условите за победоносното привршување на вториот Илинден – 11 Октомври 1941 година, што се доврши на Илинден 1944 година со историското заседание на АСНОМ“.
Обединета, слободна и моќна Македонија ќе стане обединувачка алка на балканските народи. На крајот од долгиот говор, Тодор Павлов зборувал за чинот на пренесувањето на посмртните останки на Делчев од Софија во Скопје.
– Овој чин, чинот на пренесување на коските на Гоце Делчев од нова, слободна, отечественофронтовска Софија во новиот главен град на македонската слободна држава, смело ќе кажам, има големо историско, симболично значење, уште повеќе затоа што на нивниот пат тие ќе поминат и низ Пиринска Македонија. Свеченото и искрено испраќање на светите коски на Гоце, кое новата ОФ Бугарија го организира, исто така претставува голем историски и симболичен чин, кој покажува дека во Македонија, во цела Југославија, како и овде во ОФ Бугарија, работите од корен се променија, и тоа во смисла главно на довршување и логичен крај на историското дело на Гоце и на сите негови современи и подоцнежни ученици и соборци. Македонија може да биде, треба да биде и, конечно, ќе биде обединета во своите природни историски граници. Така обединета, моќна, слободна, суверена и од секој поглед прогресивна, таа навистина ќе стане моќна обединувачка алка на балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога на која беше предодредена дури и во времето на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев – нагласил Павлов на крајот од говорот.
Интересно е што Тодор Павлов во говорот во софискиот Народен театар на 7 октомври 1946 година рекол и дека од мал некако му се врежал во главата ликот на Гоце Делчев, но не се сеќавал каде точно го видел. Кога Павлов бил на возраст од пет-шест години, Делчев (од 1894 до 1896 година) бил учител во училиштето во штипско Ново Село, кое е на стотина метри од куќата на Павлов.
Преземено од НОВА МАКЕДОНИЈА