УКРАИНА ја има поддршката од сите европски лидери, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, демантирајќи ги информациите дека европските претставници побарале од него да го намали тонот во разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп.

„За време на денешните средби немаше никакви забелешки. Од моите европски колеги слушнав исклучиво поддршка, за што сум им благодарен“, изјави Зеленски на прес-конференција по учеството на делот од самитот на ЕУ посветен на Украина и по неколкуте билатерални разговори со лидерите на европските земји.

„Ако ние паднеме, 20 милиони Украинци ќе дојдат во Европа“

Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир, туку сака да ја уништи Украина.

„Тој не ги почитува нашиот суверенитет и територијалниот интегритет, за него Донбас не е доволен“, рече Зеленски.
„Ако ние паднеме, 20 милиони Украинци ќе дојдат во Европа. Затоа бараме да останеме силни и да ја одбраниме нашата земја“, порача украинскиот претседател.

Дали Зеленски е жртвено јагне на Трамп? Само се насмеа: „Тоа е мојот одговор“

На новинарско прашање дали смета дека служи како жртвено јагне за внатрешнополитичките проблеми на Трамп, со оглед на тоа што на републиканците им се заканува губење на контролата и врз Претставничкиот дом и врз Сенатот на изборите на средината од претседателскиот мандат, кои ќе се одржат за неколку недели, Зеленски направи долга пауза, се насмеа и рече:

„Тоа е мојот одговор“.

Зеленски изјави дека американскиот сателитски систем „Старлинк“, кој Украина го користи за соборување руски ракети, не е исклучен, но дека неговата брзина е значително намалена, поради што украинските сили не успеале да соборат некои ирански дронови „Шахед“.

„Договорот на Трамп со Путин не е во ред“

Според некои медиумски извештаи, од Европа било побарано Зеленски да не го заострува тонот во односите со американскиот претседател Трамп, за да не го налути дополнително.

На прашањето за неговите односи со Трамп и коментарите на американскиот претседател дека е потешко да се преговара со него отколку со рускиот претседател Владимир Путин, Зеленски рече дека мора да ја брани опстојноста на својата земја.

Тој истакна дека договорот на Трамп со Русија за увоз на дизел-гориво не е во ред и дека со тоа се влегува во опасна зона, по што би можел да следува и договор за рускиот гас, потоа укинување на санкциите за банкарскиот систем, за одредени поединци, хемиската индустрија и, на крајот, за замрзнатиот руски имот.

На прашањето дали Украина ќе продолжи да ги напаѓа руските рафинерии, додека Трамп бара запирање на нападите, Зеленски рече дека вообичаено не зборува за „деталите на нашите операции“.

„Ќе видите“, порача украинскиот претседател.