Потреба од итна реформа на судскиот систем

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, гостувајќи во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, зборуваше за потребата од итна реформа на судскиот систем. Тој нагласи дека недостатокот на морал и одговорност кај институциите ја прави ситуацијата сè посложена, а граѓаните ја губат довербата во правдата.

„Судството во моментов е најслабата алка во нашето општество. Можеме да изградиме инфраструктура низ цела Македонија и да реализираме бројни проекти, но граѓаните пред сè бараат правда, бидејќи без неа нема вистинска сигурност. Тие не прават разлика меѓу гранките на власта, иако извршната и судската власт се независни една од друга. Сепак, бидејќи нас не избираат на избори, од нас веднаш очекуваат решенија. Довербата во судството изнесува само 2%, што е во рамките на статистичка грешка – и тоа зборува многу. Луѓето во правосудството, исто како и ние, се дел од јавниот живот, и ако јас имав само 2% поддршка, ќе ми беше срам да се појавам на улица, а камоли да се занимавам со јавна функција,“ изјави Николоски.

Според него, иницијативата за распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет е првиот чекор кон подобрување на состојбата, но потребни се и системски промени за враќање на довербата во судството.

Оставките се неопходни: Судскиот совет мора да покаже одговорност

Министерот Николоски беше дециден дека членовите на Судскиот совет треба да поднесат оставки, бидејќи биле избрани од Собранието со поддршка на коалицијата СДСМ – ДУИ.

„Кога ја поднесовме оваа интерпелација, очекував дека членовите на Судскиот совет ќе поднесат оставка, бидејќи тие се избрани од Собранието. Не ја поднесовме интерпелацијата веднаш по формирањето на владата, туку оставивме време за да видиме како ќе ја вршат својата работа. Тие што им даваат поддршка се коалицијата СДСМ-ДУИ,“ нагласи Николоски.

Тој потенцираше дека неотповикувањето на оставките е доказ за недостаток на морал и одговорност.

„Коалицијата која не ги поддржува, а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ-ВЛЕН и ЗНАМ, располага со 78 пратеници, што јасно ја покажува разликата. Кога видоа дека поднесуваме интерпелација, очекував дека попладнето ќе поднесат оставки. Меѓутоа, фактот што не го сторија тоа само потврдува дека кај нив нема никаква морална одговорност, ниту чувство на обврска кон јавноста. Токму поради тоа состојбата е таква каква што е денес,“ изјави Николоски.

Корупцијата е проблем, но уште поголем е недостатокот на морал и одговорност

Николоски ја нагласи потребата од темелна промена во пристапот кон правдата. Според него, граѓаните не ја напуштаат државата само од економски причини, туку затоа што нема доверба во институциите и правниот систем.

„Поголем проблем од корупцијата е недостатокот на морал и односот кон јавноста. Ова е една од клучните причини поради кои мораме што поскоро да ја завршиме интерпелацијата и да ги отстраниме оние кои ја узурпираат правдата“, истакна тој.

Според него, народот очекува вистински промени, а судските институции треба да се реформираат за да одговорат на барањата на граѓаните.

„Масовниот одлив на луѓе од Македонија не се должи само на економијата, туку на чувството дека нема правда. Не знам како не им е срам на членовите на Судскиот совет да останат на своите позиции додека граѓаните ја напуштаат земјата поради неправдите во државата“, нагласи Николоски.

Распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет – прв чекор кон праведно општество

Министерот истакна дека иницијативата на премиерот Мицкоски за целосно распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет е единственото логично решение во овој момент.

„Ние излеговме со предлог за целосно распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет и до денес не сме добиле подобра алтернатива. Ова е првиот чекор во исполнувањето на она што го ветивме. Судството во Македонија мора да ја исполни својата функција, но во моментов тоа не се случува – состојбата е критична и неопходно е итно да најдеме решенија. Ова е приоритет број еден, и сметам дека е позитивно што премиерот Мицкоски ја иницираше оваа постапка, бидејќи ја разбира волјата на народот. Наша обврска е да пронајдеме конкретни решенија.

Според него, власта ќе продолжи со иницијативите за враќање на довербата во правосудството, бидејќи без вистинска правда, граѓаните нема да се чувствуваат безбедно во сопствената држава.

„Можеме да ги завршиме сите инфраструктурни проекти, но ако нема правда, граѓаните ќе бидат незадоволни. Ова е приоритет број еден и мора да го решиме“, заклучи Николоски.

 

Итна реформа на судскиот систем: Без правда, граѓаните нема да се чувствуваат безбедно во својата држава, вели Николоски, недостатокот на морал и одговорност е сериозен проблем