Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до сите граѓани, порачувајќи дека овој празник потсетува на значењето на единството, истрајноста и заедничката борба за слобода и напредок на државата.

Во честитката, Иванов потсетува дека со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, од шестемина македонски дејци, Хаџи Николов, Поп Арсов, Груев, Татарчев, Димитров и Батанџиев се оствари една визија, една единствена цел за исполнување на вековниот сон за слободна Македонија.

-Создавањето на револуционерната организација беше инспирирана од слободарските идеали на целокупниот народ и во неа се вградија луѓе од различни социјални слоеви, со различна верска и етничка припадност и со различни политички идеологии. Нивната заедничка цел – политичка и социјална слобода на Македонија, беше поттик за обединување на севкупното граѓанство – порачува Иванов.

Македонска револуционерна борб, нагласува Иванов, а донесе многу жртви, непоколебливост и хероизам кој, ни е оставен во завет, нам, на сегашните македонски граѓани, како и на идните генерации.

-Славејќи го денот на шесттемина основоположници на идеата за слободна, суверена и демократска Македонија, ние се потсетуваме на суштината на овој светол празник. А тоа е дека само кога сме сплотени, истрајни и цврсти во одлуката секогаш победуваме. Денес ние, како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци. Секоја генерација има своја борба и стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија – нагласува Иванов.

На крајот од честитката, поранешниот претседател Иавнов им го честита празникот на граѓаните со порака „Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Да живее Република Македонија!“.