Ивановски објасни дека пругата Скопје-Кичево ќе биде целосно електрифицирана, со цел намалување на загадувањето и подобрување на животната средина

На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“ се обрати директорот на Железници инфраструктура, Синиша Ивановски. Тој истакна дека пругата Скопје-Кичево ќе биде реконструирана со фокус на животната средина и на екологијата. Така што целосно ќе се електрифицира и со тоа значајно ќе се намали загадувањето.

„Во овој момент постоечка железница постои кон Скопје преку Тетово-Гостивар до Кичево, меѓутоа години наназад не е во функција. Оваа делница ќе биде целосно реконструирана и, притоа мислејќи на животната средина и екологијата, ќе биде целосно електрифицирана со што загадувањето ќе го намалиме значително“, рече Ивановски.

Тој потенцираше дека за година до две ќе има зрел проект со кој државата ќе може да тендерира и да отпочне целосна реконструкција од Скопје кон Кичево, со предвиден рок за завршување во периодот 2031-2032 година.

„Рокот за завршување на целата работа би бил некаде 2031-2032 година, поради тоа што градењето на пруги е доста комплексна работа. Не е само желба да се гради, меѓутоа има многу студии коишто претходно мора да бидат изработени, да се запази екологијата, да се обезбеди исплатливост и да се определи самата траса. Сето тоа, во соработка со европските банки, се случува во овој период, со надеж дека во рок од година и пол до две ќе имаме зрел проект и државата ќе може да тендерира и да започне целосна реконструкција од Скопје кон Гостивар-Тетово, завршувајќи до Кичево“, истакна Ивановски.