Синоќа Изетбеговиќ, лидерот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ и претседателот на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, зад затворени врати во Сараево разговараа за ситуацијата во земјата со европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Човиќ и Додик не ја коментираа содржината на средбата, а Изетбеговиќ на новинарите во Сараево им рече дека е важно тоа што во сегашната тензична атмосфера седнале заедно за да разговараат, со цел да ги приближат ставовите.

– Сите тројца сакаме да се реши ситуацијата, да се надмине кризата и да се оди напред, рече Изетбеговиќ, додавајќи дека е значајно што ја немало „вообичаена дрскост на еден од тројцата”, веројатно алудирајќи на Додик.

Тој потврди дека во моментов се бара решение за проблемот што настана откако поранешниот висок претставник Валентин Инцко воведе закон со кој се забранува негирање на воените злосторства и дека се уште се прават обиди да се постигне договор за измените на изборниот закон на БиХ.

Во првиот случај, како што објасни лидерот на СДА, можноста за измена на законот на Инцко преку парламентот на БиХ се смета како отстапка за српската страна, а во вториот сè уште се бара модел што ќе ги усогласи барањата на ХДЗ БиХ за обезбедување легитимна застапеност на конститутивните народи во владините тела и на СДА за промени во улогата и овластувањата на домовите на народот на државно и ентитетско ниво, пренесува Хина.

Специјалниот претставник на САД за реформа на изборниот систем во БиХ Метју Палмер треба повторно да допатува во Сараево следната недела за да посредува за продолжување на меѓупартиските преговори. Заедно со Палмер, треба да пристигне и Анџелина Ајхорс, директорка на европскиот оддел во службата за надворешни работи на ЕУ.