Бев известен од претседателот на урбаната заедница Варош дека во бараките во населбата Варош има пожар. Веднаш се упативме на самото место, а во меѓувреме територијалната противпожарна единица веќе ја имаше завршено работата докрај.
Станува збор за единаесет члена од четирите бараки, од кои двајца инвалиди и три малолетни деца, од кои едното дете има седум месеци, другото две и пол години, а третото има дванаесет години. За среќа, нема повредени. Во овој момент сакаме да им излеземе во пресрет на семејствата и привремено да ги сместиме во некоја институција во нашиот град, на што и работиме, и мислам дека тоа е првично нешто што можеме да го направиме. Понатаму ќе следува и секаква друга помош од општината, финансиска и секоја друга логистика што им треба на семејствата – истакна градоначалникот Јованоски.
Од Општината информираат дека речиси два часа над десет пожарникари со неколку возила го гаселе пожарот. Социјалните бараки се стари повеќе од 20 години, а ова не е прв пожар таму. Претседателот на урбаната заедница Варош, Дарко Филипоски, истакна дека во соработка со локалната самоуправа колку што можат помагаат за да се среди овој дел од населбата.