Физибилити-студијата за националниот дата-центар е завршена и Владата во моментов активно бара финансиски партнери за неговата изградба. Ова денеска го соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, при своето обраќање на отворањето на деветтото издание на регионалната конференција за е-трговија.
Андоновски појасни дека паралелно се работи на урбанистичко уредување на предвидената локација и на подготовка на целосната проектна документација со цел навремена реализација на планот.
„Работиме и на урбанизацијата на земјиштето, како и на проектната документација. Очекувам дека до пролет ќе ги затвориме овие прашања и се надевам дека во 2027 година ќе успееме да почнеме со конкретната изградба на националниот податочен центар“, вели Андоновски.
Тој додаде дека постои изразен интерес за вложување во податочна инфраструктура и од страна на приватниот сектор. Според министерот, во текот на оваа недела се закажани средби со две до три компании кои разгледуваат можности за изградба на нови податочни центри или за надградба и проширување на веќе постојните капацитети.
„Во зависност од тоа дали станува збор за домашни или странски компании, се надевам дека ќе успееме да привлечеме ваков тип на инвестиции“, истакна Андоновски.
Осврнувајќи се на минатонеделниот прекин на електронските услуги во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, министерот нагласи дека внатрешните бази и системи не биле загрозени, туку проблемот настанал поради пад на веб-апликацијата што го отежнало пристапот на корисниците.
