Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) забрани влез на пратка јаболка со потекло од Македонија, откако лабораториските анализи покажаа нивоа на остатоци од пестициди значително повисоки од максимално дозволените законски граници.

Пратката, која е со вкупна тежина од 19.350 килограми, целосно ќе биде вратена назад во Македонија.

Според официјалното соопштение од БАБХ, лабораториските испитувања утврдиле присуство на остатоци од заштитни хемиски препарати над законски пропишаните норми, поради што спорната пратка не ги исполнува предвидените безбедносни стандарди за квалитет и здравствена исправност.

Спорната пратка со свежо овошје била откриена при спроведување на редовните засилени контроли што бугарските инспекциски служби непрекинато ги реализираат врз увезеното овошје и зеленчук во Бугарија.