Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со тешка одлука околу понатамошниот тек на војната со Иран, оценува Си-Ен-Ен во своја анализа. Телевизијата предупредува дека конфликтот би можел да се претвори во најголемата грешка што ќе го одбележи неговиот претседателски мандат, бидејќи Трамп се наоѓа во ситуација од која ниту лесно може да излезе, ниту едноставно да прогласи победа.

Според анализата, Трамп досега избегнувал масовна ескалација на конфликтот, но пред него остануваат три тешки опции. Тој може да ја продолжи сегашната ограничена воена кампања, да ја засили офанзивата со напади врз цивилни и инфраструктурни цели во Иран или да се повлече без да ги постигне главните цели.

Си-Ен-Ен оценува дека секоја од овие можности носи сериозни политички и стратешки последици. Телевизијата потсетува и дека американската историја покажува оти претседателите кои ги ескалирале конфликтите во Виетнам, Ирак и Авганистан често завршувале во уште подлабоки и подолготрајни војни.

Трамп повторно му се закани на Иран

Анализата е објавена во период кога Трамп повторно упати остри закани кон Иран. Тој порача дека земјата ја има „последната шанса“ за постигнување договор, предупредувајќи дека во спротивно може да се соочи со „обезглавување“.

Си-Ен-Ен предупредува дека евентуалното проширување на американските напади врз иранската инфраструктура би можело да предизвика жесток одговор од Техеран. Меѓу можните последици се наведуваат и напади врз цели на американските сојузници во Персискиот Залив, што би можело дополнително да ја продлабочи кризата.

Во анализата се повлекува паралела со одлуките на поранешните американски претседатели Линдон Џонсон, Ричард Никсон, Џорџ В. Буш и Барак Обама. Според Си-Ен-Ен, и тие се соочувале со слични дилеми околу тоа дали да ги ескалираат или да ги прекинат долготрајните воени конфликти.

„Војната во Иран не е на Буш. Таа е на Трамп. И таа ќе го одреди неговото наследство и судбината на многу животи надвор од Белата куќа“, заклучува Си-Ен-Ен.