Завршни градежни работи за проектот „Градски воз“

Патниците кои патуваат со железнички превоз од Скопје кон Велес, Гевгелија и Битола ќе треба да се информираат за измените во возниот ред, бидејќи од утре до 1 јули привремено се укинува сообраќањето на повеќе патнички возови.

Од ЈП Македонски железници – Инфраструктура соопштија дека прекинот е поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје – Велес, на делницата меѓу железничките станици Скопје и Зелениково, во рамки на проектот „Градски воз“.

„Поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје-Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково за потребите на проектот ‘Градски воз’, привремено од 22 јуни 2026 до 1 јули 2026 година, нема да сообраќаат неколку возови“, соопштија од претпријатието.

Кои возови нема да сообраќаат?

Привремено се укинуваат следните линии:

  • Скопје – Гевгелија: воз 611 (06:20 часот) и воз 631 (16:55 часот);
  • Гевгелија – Скопје: воз 630 (04:30 часот) и воз 632 (17:02 часот);
  • Скопје – Битола: воз 641 (07:06 часот) и воз 645 (20:05 часот);
  • Битола – Скопје: воз 640 (03:10 часот) и воз 644 (18:22 часот);
  • Битола – Велес: воз 642 (12:46 часот);
  • Велес – Битола: воз 643 (15:25 часот);
  • Скопје – Велес: воз 2083 (22:40 часот);
  • Велес – Скопје: воз 600 (05:00 часот).

Од Македонски железници апелираат патниците навреме да се информираат за измените и да ги планираат своите патувања согласно привремениот возен ред.